Тоа што го направи Лука Дончиќ на дуелот помеѓу Словенија и Аргентина на олимпискиот турнир во Токио ќе се памети уште долго. Во победата на Словенците од 118-100, Дончиќ, кој е дебитант на Олимписките игри, за 31 минутa игра уфрли дури 48 поени, од кои 31 во првото полувреме.
Лука веројатно доцна дозна дека олимпискиот рекорд е 55 поени, па не успеа во третата четвртина да продолжи во ист ритам и тоа го чинеше да остане покус од рекордот на Бразилецот Оскар Шмит од ЛОИ во 1988 година. Но, Дончиќ имаше и 11 скока и пет асистенции, често се обидуваше да ги разигрува и колегите.
Во финишот, сепак Лука беше повлечен на клупата за резерви и рекордот на Шмит не беше урнат, иако многу посакуваа да присуствуваат на историја.
Аргентинците од 2012 година не биле вака надиграни на некој олимписки меч, но против себе го имаа Дончиќ.