Далас маверикс ја оствари 26-тата победа совладувајќи го тимот на Портланд со минимални 102:101. Лука Дончиќ беше инспиратор на домаќините, Словенецот ја одлучуваше средбата против Трејлблејзерс откако ги постигна клучните поени пред самиот финиш.
Гостите го контролираа резултатот во поголемиот дел од мечот, па во последниот период влегоа со +14 поени предност. Но, и таа предност не беше доволна, бидејќи Дончиќ се разигра кога беше најпотребно, во решавачкиот период постигна 13 поени од вкупните 28, а ги даде и најважните поени со кои Далас поведе во последните секунди.
Покрај Дончиќ, ефикасен придонес имаше и Хардавеј јуниор со 24 поени, додека кај Портланд како најефикасен се истакна Лилард со 30 поени, Нуркиќ оствари двоен учинок од 18 поени и 10 скока.
Филаделфија севентисиксерс убедливо славеше над ЛА лејкерс со конечни 143:120. Сиксерси ја забележаа вкупно 36-тата победа сезонава, благодарение на расположениот Џоел Ембид, кој со двоен учинок од 37 поени и 14 скока го предводеше домашниот состав. Одлична партија одигра и новото засилување на Филаделфија, Тобајас Херис, кој заврши како втор најефикасен играч со 22 поени.
Кај Лејкерси најрасположен беше Кузма со 39 поени, Леброн Џејмс заврши со скромни 18 поени, а запиша и 10 скока.
Голден стејт се намачи да го совлада тимот на Мајами хит, но шампионот сепак славеше со минимални 120:118. Олстар триото на „воините“, Кари – Томпсон – Дурант се погрижија да не се случи изненадување во „Оракл арената“, додека поените за победа ги реализираше Казинс од линијата за слободни фрлања.
Дурант со 39 поени беше најефикасен играч на Вориорс, Томпсон заврши со 29, додека 25 поени постигна Кари. Кај поразените се истакна Џошуа Ричардсон со 37 поени, кои воедно се негов личен рекорд.
https://www.youtube.com/watch?v=UZ7dIqynPrU
Резултати НБА:
Далас маверикс – Портланд трејлблејзерс 102:101
Филаделфија севенти сиксерс – ЛА лејкерс 143:120
Голден стејт вориорс – Мајами хит 120:118
Сакраменто кингс – Феникс санс 117:104
Атланта хокс – Орландо меџик 108:124