Лука Дончиќ продолжува да изненадува со феноменални игри во НБА-лигата. Словенецот стигна до вториот трипл-дабл во најсилната лига во светот, но овојпат имаше учинок кој е неверојатен за еден тинејџер. На мечот против Торонто, Дончиќ заврши со 35 поени, 12 скока и 10 асистенции, но, за негова жал, Далас беше поразен на свој терен со 120:123.
https://twitter.com/NBA/status/1089727659196719105
За Дончиќ ова е втор трипл-дабл во последните четири меча, но што е поважно, тој го надмина рекордот на Леброн Џејмс од пред речиси една и пол деценија. Лука стана најмладиот играч во историјата на НБА-лигата кој имал трипл-дабл со постигнати преку 30 поени. Тој всушност е и првиот тинејџер во историјата на НБА со ваков трипл-дабл бидејќи кога Леброн го постави рекордот во април 2005 година, имаше 20 години и 100 дена. Дончиќ уште нема наполнето 20 години и покажува дека е талент кој оддамна се нема појавено во НБА-лигата.
Резултати: Оклахома – Милвоки 118:112, Далас – Торонто 120:123, Хјустон – Орландо 103:98, Минесота – Јута 111:125, Сан Антонио -Вашингтон 132:119, Њујорк – Мајами 97:106, ЛА лејкерс- Феникс 116:102, Чикаго – Кливленд 101:104, ЛА клиперс – Сакраменто 122:108.