Дончиќ игра магично и потсети на Џордан од 86-та, конечно грмнаа и навивачите на Лос Анџелес лејкерс (Фото+Видео)

Лука Дончиќ одигра како змеј и со 44 поени, што му е рекорд сезонава, го предводеше Далас маверикс до третата победа во новата сезона.

Далас го победи Орландо Меџик со 114:105, а Словенецот е првиот НБА кошаркар од 1986 година што успеал на сите шест меча на почетокот на една сезона да постигне 30 или повеќе поени.

Пред 36 години тоа му успеа на легендарниот Мајкл Џордан и сега на Лука Дончиќ.

Лука со 44 поени ноќеска стана прв стрелец во НБА-лигата со просек од 36,7 поени, пред Јанис Адетокумбо со просек од 34,4 поени по натпревар.

Конечно позитивни вибрации меѓу навивачите и кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс имаше по првата победа во новата сезона дури во шестиот меч.

Езерџиите го надиграа Денвер нагетс со 121:110 и избегнаа да бидат единствениот тим без победа по првите шест меча.

Голем пресврт се случи во односот меѓу симпатизерите на тимот од Ел-Еј и Расел Вестбрук, кој беше многу критикуван, а дури му се потсмеваа и бараа да биде разменет.

Рас ноќеска одигра добар меч со 18 поени, 8 скока и 8 асистенции, а публиката во еден момент го награди со стоечки овации.

Леброн Џејмс даде 26 поени, Ентони Дејвис уфрли 23 со 15 скока, а кај гостите од Денвер, Јокиќ имаше учинок од 23 поени и 14 скока.

Во дресот на новиот клуб Кливленд кавалирс пак блесна Олстар-играчот Донован Мичел со ефект од 38 поени и 12 асистенции во победата против Њујорк никс со 121:108.

Домаќините губеа со 9 поени разлика пред стартот на последниот период во кој одиграа брилијантно и го добија со убедливи 37:15 за петта победа во шесттиот меч.

Резултати: ЛА клиперс – Њу Орлеанс 91:112, Бостон – Вашингтон 112:94, Кливленд – Њујорк 121:108, Детроит – Голден стејт 128:114, Сан Антонио – Минесота 107:98, Далас – Орландо 114:105, Феникс – Хјустон 124:109, ЛА лејкерс – Денвер 121:110.

 

- Оглас -

Најнови вести