12.8 C
Skopje
среда, 22 октомври 2025

Дончиќ играше и за Леброн, но Лејкерс загуби на стартот на новата сезона

Новата сезона во НБА лигата започна со победа на шампионот Оклахома Сити тандер над Хјустон рокетс од 125-124 по две продолженија, а во вториот натпревар, Лос Анџелес лејкерс беа поразени од Голден Стејт вориорс на домашен терен со 109-119.

Навивачите на Тандер го добија она што го чекаа, церемонија по повод освојување на титулата, откривање на шампионскиот банер и доделување на прстените, а дополнително и победа над нивната поранешна ѕвезда Кевин Дурант.

Шај Гилџиус-Александар, актуелниот МВП на лигата, погоди две слободни фрлања на 2,3 секунди до крајот на второто продолжение за да им ја донесе победата на Тандер. Ова беше прв пат од 2005 година наваму на воведниот меч да има продолженија.

Гилџиус-Александар даде 35 поени, а кај гостите Алперен Шенѓун беше одличен со 39 поени, 11 скока и седум асистенции, додека Дурант додаде 23 и имаше девет скока.

ЛА Лејкерс ослабен без повредениот Леброн Џејмс кој нема да игра околу еден месец, не можеше против Голден стејт. Лука Дончиќ имаше 43 поени, 12 скока и девет асистенции, и стана првиот играч на Лејкерси по Коби Брајант во 2007 година кој ја отворил сезоната со 40 или повеќе поени.

Остин Ривс постигна 26 поени и имаше девет асистенции, но проблемот на Лејкерси беше што само уште новиот центар Деандре Ајтон достигна двоцифрен број на поени. и тоа 10.

Вориорси беа предводени од Џими Батлер со 31 поен и Стеф Кари, кој ја започна својата 17-та сезона во НБА со 23 поени, додека Џонатан Куминга и Бади Хилд додадоа по 17 поени.

- Оглас -

Најнови вести