Еден од најдобрите кошаркари на светот, Лука Дончиќ, му се приклучи на словенечкиот национален тим во подготовките за Светското првенство кое почнува следниот месец.
Дончиќ ќе биде капитен на Словенија, а за него немало дилема дали да игра на Мундобаскетот или да одмора летово, подготвувајќи се за следната сезона во НБА.
„За мене е голема чест што ќе бидам капитен на репрезентацијата. Момците одлучија јас да бидам капитен и навистина сум горд“ – вели Дончиќ.
Во Љубљана со словенечкиот тим е и Џејсон Кид, тренерот на Дончиќ во Далас маверикс.
Лука упати и скриена порака до играчите кои нема да играат на СП, а Србите најмногу ги боли отсуството на Никола Јокиќ, па веруваат дека Дончиќ во изјавата за водачите меѓу редови го „боцна“ и српскиот центар.
„И во минатото на некој начин бев водач на националниот тим. Слична улога имам и во Далас, навикнат сум. За тоа не можете да се спремате, тоа доаѓа спонтано. Или сте водач или не сте“ – додаде Дончиќ.