Лука Дончиќ уште еднаш успеа да сруши рекорд во НБА-лигата, кој беше во сопственост на Леброн Џејмс. Словенечката тинејџерска ѕвезда одигра лоша шутерска средба, но и покрај тоа, влезе во историјата на најсилната лига во светот. Далас го победи Шарлот со 99:93, а Дончиќ имаше трипл-дабл со 19 поени, 11 асистенции и 10 скока.
За Лука, ова е трет трипл-дабл во дебитантската сезона и на 19 години и 343 денови стана најмладиот играч во НБА кој стигнал до три трипл-дабл натпревари. Претходно тој рекорд го држеше Џејмс, кој до три трипл-дабл средби стигна на 20 години и 100 дена. Тоа значи дека Лука е и првиот тинејџер кому му успеа тоа, а интересно е што сите три трипл-дабл меча ги одигра само за 16 дена.
И покрај рекордот, за Дончиќ ова не беше баш најдобар меч. Словенецот имаше очаен шут од игра. Погоди 5 од 20 обиди, а за тројка беше катастрофален само со два погодени удари од 10 обиди.
Меч за памтење одигра и грчкиот „ѕвер“ Јанис Адетокумбо, кој постигна 43 поени во победата на Милвоки против Вашингтон. Џејмс Харден стандардно веќе 28-ми меч во низа ја надмина бројката од 30 поени. Овојпат постигна 36 поени за победа на Хјустон на гостувањето кај Сакраменто.
Резултати: Бруклин – Денвер 135:130, Чикаго – Њу Орлеанс 120:125, Милвоки – Вашингтон 148:129, Далас – Шарлот 99:93, Јута – Феникс 116:88, Сакраменто – Хјустон 101:127, Голден стејт – Сан Антонио 141:102.