Картичката со ликот и потпис на Лука Дончиќ од неговата дебитантска сезона во НБА-лигата е продадена за рекордна сума од 4,6 милиони долари, многу повеќе од останатите на големите спортски асови на планетата.
Претходно рекордот беше сопственост на Јанис Адетокумбо, а сумата што беше платена за руки-картичката на грчкиот репрезентативец од Милвоки бакс беше 1,81 милиони долари.
Дончиќ го надмина за два и пол пати, а далеку зад него се и Леброн Џејмс со продадена картичка од деби-сезоната со негов потпис во вредност од 1,8 милиони долари.
Картичката со ликот и потписот на Мајкл Џордан малку порано во февруари годинава се продаде за сума од 1,4 милиони долари, Том Брејди, легендата од НФЛ-лигата, во јануари забележа продажба од 600 илјади долари, што е многу далеку од вредноста на руки-картичката со потпис и со ликот на Дончиќ.