16.8 C
Skopje
вторник, 26 август 2025

Дончиќ му донесе нова победа на Далас со партија каква што досега НБА не видела (Видео)

Ѕвездата на Далас маверикс, Лука Дончиќ, кој на последните два меча против ЛА лејкерс и Хјустон постигна 82 поени, утринава во дуелот со Њујорк никс отиде чекор подалеку. Во победата на Далас од 126:121, Дончиќ оствари трипл-дабл од 61 поен, 21 скок и 10 асистенции. Словенецот е прв играч во историјата на НБА кој остварил трипл-дабл со 60 поени и 20 скокови. Ова исто така беше 53-ти трипл-дабл во неговата кариера.

Тој на две секунди до крајот на регуларниот дел, во моментите кога Њујорк имаше два поени предност, го промаши второто слободно, ја фати одбиената топка и се избори за продолжение од пет минути, во кое неговиот тим беше подобар и дојде до триумфот.

Одлична партија одигра и Никола Јокиќ во победата на неговиот Денвер од 113:106 над Сакраменто кингс. Центарот мечот го заврши со 20 поени, девет скока и 11 асистенции и е најзаслужен за победата на неговиот тим, кој ја задржа лидерската позиција во Западната конференција.

Леброн Џејмс со 28 постигнати поени го предводеше ЛА лејкерс до победа од 129:110 над Орландо, со која е прекината серијата од четири порази по ред на Езерцата.

Џејлен Браун со 39 и Џејсон Тејтум со 38 поени се најзаслужни за победата на Бостон од 126:102 над Хјустон, со која Бостон остана лидер на Истокот.

Резултати: Орландо – ЛА лејкерс 110:129, Вашингтон – Филаделфија 116:111, Бостон – Хјустон 126:102, Индијана – Атланта 129:114, Торонто – ЛА клиперс 113:124, Мемфис – Феникс 108:125, Оклахома сити – Сан Антонио 130:114, Далас – Њујорк 126:121, Голден стејт – Шарлот 110:105, Сакраменто – Денвер 106;113.

- Оглас -

Најнови вести