Кошаркарите на Сакраменто кингс во „Голден 1 Центар“ го совладаа тимот на Лос Анџелес лејкерс со 124-112 и на тој начин ја продлабочија кризата кај гостите, кои го запишаа третиот последовен пораз.
Кингс подобро го отворија натпреварот и по првата четвртина имаа предност од четири поени, а водството го одржуваа и до заминувањето на одмор (61-54).
Натпреварот беше решен во третата четвртина, кога домаќините стекнаа двоцифрена предност, која мирно ја чуваа и го приведоа мечот кон крај без поголема драма.
Најдобар во редовите на Сакраменто беше Демар Дерозан со 32 поена, додека Малик Монк додаде 26. Лука Дончиќ беше единствено расположен кај ЛА лејкерс со 42 постигнати поени.
Кливленд беше апсолутен фаворит, но кошаркарите на Јута џез на крајот успеаја да стигнат до победа од 112-123, трета во последните четири средби.
Марканен реализира 28 поени со 12 скокови и две асистенции, а најефикасен беше Џорџ со 32 поени, девет асистенции и пет скокови.
Кај Кливленд се истакна Гарланд со 23 поени, осум асистенции и два скока, а Мичел додаде 21 поен со три скока и две асистенции. Мобли го заврши мечот со 15 поени, девет скокови и осум асистенции, Мерил додаде 14 поени со три асистенции и два скока, додека Томлин придонесе со 13 поени и по три скока и асистенции. Двоцифрен беше и Тајсон со 11 поени, четири скока и две асистенции.
Индијана го совлада Бостон со 98-96. Причард беше најдобар кај Селтикс со 23 поени, осум асистенции и четири скока, додека Вајт додаде 18 поени со пет асистенции и четири скока. Симонс запиша 16 поени со четири асистенции и три скока, а двоцифрен беше и Куета со 15 поени, осум скокови и две асистенции.
Сијакам ја предводеше Индијана пејсерс до победата со 21 поен, осум скокови и шест асистенции, а Хаф додаде 20 поени со три скока и две асистенции. Нембхард запиша 13 поени со девет асистенции и шест скока, а двоцифрен беше уште и Вокер со 11 поени и седум скокови.
Резултати: Кливленд – Јута 112-123, Индијана – Бостон 98-96, Торонто – Филаделфија 102-115, Далас – Бруклин 113-105, Сакраменто – ЛА лејкерс 124-112, ЛА клиперс – Шарлот 117-109.

