Дончиќ не му ги заборава зборовите на Букер дека е плачко и повторно ги растури Сонцата (Видео)

Далас маверикс го совлада лидерот во Западната конференција, Феникс санс, со 130:111 и ја забележа третата победа во последните четири натпревари во НБА-лигата. Главна ѕвезда на натпреварот беше Лука Дончиќ, кој по 17-ти пат сезонава во 22 одиграни натпревари постигна повеќе од 30 поени.

Словенецот натпреварот го заврши со 33 поени, 6 скока и 8 асистенции, а има посебна мотивација кога игра против Сонцата поради навредите на најдобриот играч на Феникс, Девин Букер, уште од плејофот од минатата сезона.

Феникс и Далас минатата сезона играа во полуфиналето на Западот и при водство на Сонцата од 3:2, Букер изјави дека Дончиќ е плачко.

Одговорот на Дончиќ беше брутален, на следните два меча даде 68 поени и Далас со две победи успеа да го елиминира Феникс. Интересно е што Словенецот и во двата меча од оваа сезона досега исто така постигна 68 поени – во првиот дуел даде 35, а утринава даде 33.

Далас дилемите околу победникот ги реши уште во првото полувреме, кое го доби со 26 поени предност.

Џејсон Тејтум го предводеше лидерот на Истокот, Бостон селтикс, до уште победа над можен конкурент во плејофот. Бостон со 116:110 го победи Торонто репторс, а Тејтум беше прв стрелец на натпреварот со 31 постигнат поен, на кои им придодаде и 12 скока.

Јанис Адетокумбо со уште една МВП партија (34 поени и 13 скока) го предводеше Милвоки до победа од 109:102 над Орландо, кај кого се истакна првиот избор на драфтот, Италијанецот Паоло Банкеро, со 20 поени и 12 скока.

Резултати: Шарлот – ЛА клиперс 117:119, Орландо – Милвоки 102:109, Атланта – Оклахома сити 114:121, Торонто – Бостон 110:116, Хјустон – Филаделфија 132:123, Мемфис – Мајами 101:93, Далас – Феникс 130:111, Голден стејт – Индијана 104:112

- Оглас -

Најнови вести