Дончиќ по стапките на Меџик Џонсон во легендарниот „Медисон Сквер Гарден“ во Њујорк

Лука Дончиќ не престанува да воодушевува со своите игри во дресот на Далас. Словенечкиот кошаркар утрово немаше баш најдобро шутерско шоу погодувајќи само 10/22 удари од поле и очајни 3/12 за три поени во поразот на Далас на гости кај Њујорк од 103:106.

И покрај слабата реализација, Дончиќ стигна до трипл-дабл со 31 поен, 10 скока и 11 асистенции, а имаше и три украдени топки и една блокада. Само со 20 години и 259 денови, Лука е вториот најмлад кошаркар во историјата на НБА-лигата кој успеал да оствари трипл-дабл во „Медисон Сквер Гарден“ во Њујорк. Помлад со вакво постигнување единствено бил легендарниот Меџик Џонсон, кој во далечната 1980 година успеал да има трипл-дабл, а бил 84 дена помлад од Дончиќ.

За Дончиќ ова е петти трипл-дабл сезонава само во 11 одиграни натпревари. Моментниот просек на Словенецот сезонава е 28,3 поени, 10,3 скока и 9,1 асистенција по натпревар.

Во останатите мечеви кои се играа утрово: Кливленд – Мајами 97:108, Милвоки – Чикаго 124:115, Њу Орлеанс – ЛА клиперс 132:127, Феникс – Атланта 128:112, Денвер – Бруклин 101:93.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести