Оклахома успеа да му се реваншира на Лос Анџелес лејкерс за поразот од пред три дена и овојпат најдобриот тим во лигата славеше. Клучниот момент на дуелот се случи на осум минути пред крајот, кога Лука Дончиќ доби исклучување.
Ѕвездата на Лејкерс беше во напад и постигна кош за предност за неговиот тим од 108:107. Веднаш по постигнувањето на поените, Дончиќ се сврте кон еден навивач на Оклахома и му дофрли нешто. Американците тие преписки ги нарекуваат „траш-токинг“. Судијата помисли дека Дончиќ му се обраќа нему, па веднаш ја сопре играта и на Дончиќ му додели техничка грешка, која беше втора на мечот, што автоматски значи и исклучување.
LUKA DONCIC WAS EJECTED FOR TALKING TO A FAN pic.twitter.com/J1Dq4IA7kF
— LakersMuse (@LALMuse) April 9, 2025
По излегувањето на Дончиќ од игра, Лејкерс едноставно немаше сили да парира. До крајот на мечот Оклахома постигна 29, а прими само 12 поени и домаќините се радуваа на триумф од 136:120. Словенецот заврши со 23 поени, а прв стрелец кај Лејкерс беше Леброн Џејмс со 28 поени, додека Остин Ривс додаде 24. Кај Оклахома најдобар беше Шај со 42 поени, а Џајлен Вилијамс постигна 26 поени. Оклахома ја игра најдобрата сезона во клупската историја и досега има само 14 порази во 79 меча.
Резултати од мечевите одиграни ноќеска: Шарлот – Мемфис 100:124, Кливленд – Чикаго 135:113, Индијана – Вашингтон 104:98, Орландо – Атланта 119:112, Бруклин – Њу Орлеанс 119:114, Њујорк – Бостон 117:119, Милвоки – Минесота 110:103, Оклахома – ЛА лејкерс 136:120, Феникс – Голден стејт 95:133, ЛА клиперс – Сан Антонио 122:117.