Дончиќ: Работата сè уште не е завршена, потребни ни се уште четири победи за титула

Ѕвездата на Далас маверикс, Лука Дончиќ, по пласманот во големото НБА-финале, изјави дека неговиот тим не ја завршил работата со елиминацијата на Минесота тимбервулфс, туку потребни им се уште четири победи за да дојдат до титулата.

Далас се пласира во големото НБА-финале откако во петтиот меч од финалето во Западната конференција славеше со 124:103 над Минесота и со 4-1 во победи ја доби серијата.

Противник на Далас во финалето ќе биде Бостон селтикс, кој во финалето на Истокот со чисти 4-0 во победи беше подобар од Индијана.

„Ова беше многу тежок пат, но сè уште не е завршен. Имаме уште работа, мора да оствариме уште четири победи, но мислам дека заслуживме малку да прославиме. Ова е лудо, ние сме одличен тим, но тоа што е поважно е што имаме одлични момци. Се држиме сите заедно, од кошаркарите до тренерите, играме кошарка и успеавме да победиме многу добри екипи досега. Во финалето нè чека тимот кој имаше најдобар скор во регуларниот дел од сезоната и мора да играме неверојатно за да ги победиме“, изјави Дончиќ.

- Оглас -

Најнови вести