Лука Дончиќ, за големо изненадување, беше трејдуван од Далас во ЛА лејкерс, па по седум години ќе го напушти Тексас и ќе се пресели на запад, во Калифорнија. Навивачите на Маверикс збеснаа од одлуката на раководството бидејќи си заминува нивниот најдобар кошаркар кој им го донесе финалето минатата година.
Словенецот се огласи на социјалните мрежи и упати емотивна порака до навивачите на Далас.
„Овде стигнав пред седум години како тинејџер и го следев мојот сон да играм кошарка на високо ниво. Мислев дека тука ќе ја минам целата кариера и посакував да ви ја донесам титулата. Не можев ниту да сонувам за љубовта и поддршката која ја добив овде. Момчето од Словенија кое првпат дојде во САД го направивте да има нов дом во северен Тексас. Вашата поддршка не се менуваше ниту во добро ниту во лошо, од повредите до финалето на НБА-лигата. Ви благодарам не само што ја делевте мојата среќа во најдобрите моменти туку и за поддршката што ми ја дававте кога ми беше најпотребно“, напиша Дончиќ на социјалните мрежи.