Новак Ѓоковиќ е еден од хероите на ЛОИ во Париз откако стана најстариот тенисер кој освоил златен медал во поединечна конкуренција кај мажите. Со тоа злато, Ѓоковиќ ја комплетира ризницата на највредни трофеи и медали затоа што токму злато од ЛОИ беше единственото нешто што му фалеше.
Многумина не веруваа дека Ѓоковиќ може да стигне до златниот медал, но Србинот покажа дека е најсилен кога е најпотребно. Тоа го потенцира и познатиот француски тренер и коментатор Патрик Муратоглу, кој очекува Ноле да биде на врвно ниво уште неколку години.
„Верувам дека Новак може да игра уште три или четири години на високо ниво. Тоа е само прашање на мотивација. Верувам дека се бореше да најде мотивација до Олимписките игри. Сличен случај беше и со Рафа. Сите мислеа дека е готов, но тој се врати на земјена подлога и на добро ниво. Тоа му даде дополнителна мотивација на Новак“, вели Муратоглу.
До настапот на ЛОИ, Ѓоковиќ сезонава немаше освоено ниту еден турнир, но Муратоглу очекува Србинот повторно да биде на врвот.
„Што ќе се случи во иднина? Тој е во врвна форма, игра неверојатен тенис и е подготвен да се натпреварува на високо ниво. Очекувам дека уште неколку години ќе биде на највисоко ниво. Претходно имаше конкуренција во Федерер и Рафа, а сега единствената конкуренција може да ја има во Карлос и Јаник. Тие можат да го победат, но и да го туркаат напред. Го допреа неговото его и тој сакаше да им покаже дека сè уште е одличен“, коментира францускиот стручњак.
Ѓоковиќ е рекордер по бројот на освоени гранслем-титули со 24 пехари на најголемите турнири во светот.