Арсенал во летниот преоден рок потроши повеќе од 130 милиони евра на пет засилувања, од кои најскап беше Габриел Жезус – 52 милиони евра чинеше неговиот трансфер од Манчестер сити.
Сега е време Топчиите и да се ослободат од вишокот играчи. На излезна врата од „Емирати“ прв е голманот Бернд Лено, кој се сели во соседството кај Фулам за сума од околу 10 милиони евра. Германецот го загуби местото на прв голман по доаѓањето на Арон Ремздејл, па во следните три години ќе брани на „Крејвен котиџ“.
Во меѓувреме Галатасарај се договори да го откупи договорот на Лукас Тореира за седум милиони евра, додека младиот напаѓач Флоријан Балогун се согласи на позајмица во француски Ремс.
Претходно Арсенал инкасира речиси 15 милиони евра со продажбите на Гендузи во Марсеј, односно Мавропанос во Штутгарт. Александер Лаказет замина како слободен играч по завршувањето на соработката.