Екипата на Сан Антонио ја доби шансата прва да избира на следниот НБА-драфт. Мамузите од Тексас имаа среќа во лотаријата да ја добијат пол-позицијата, па според сите очекувања, нивен нов играч во следната сезона ќе биде Виктор Вамбанјама.
Талентираниот 19-годишен француски центар настапува во тимот на Метрополитанс во Франција, а тинејџерот до толку е самоуверен дека ќе успее во НБА-лигата, па најави дека уште во првата сезона е подготвен да се бори за трофејот.
Во последниве неколку децении, Сан Антонио кога имаше шанса да избира прв пик на драфтот, се одлучуваше за играчи на центарската позиција кои станаа легенди во НБА. Во 1987 година го одбраа Дејвид Робинсон, а 10 години подоцна во клубот како прв пик пристигна Тим Данкан.
На ноќната лотарија за одредување на екипите кои треба да бираат на драфтот, најмалку среќа имаше Детроит. Тимот со најлош скор во лигата имаше најголеми шанси да го добие првиот пик на драфтот, но се случи најлошото сценарио за нив, па тие ќе бираат дури петти. Вториот пик на драфтот ќе го одбере Шарлот, а потоа следуваат Портланд и Хјустон.