32.8 C
Skopje
среда, 16 јули 2025

Драконска казна за местење: Арсенал Тиват доби 10-годишна суспензија од УЕФА!

Црногорскиот клуб Арсенал од Тиват доби забрана за учество во натпреварувањата на УЕФА во наредните 10 години поради наместен натпревар.

Станува збор за дуели од квалификациите за Конференциската лига против ерменскиот тим Алашкерт, одиграни во јули 2023 година. Арсенал одигра нерешено 1-1 во првиот натпревар на гостински терен, а потоа загуби со 1-6 дома во реваншот.

УЕФА објави дека Арсенал е суспендиран од европските натпреварувања до крајот на сезоната 2034/35 и казнет е парично со 500.000 евра. Спортскиот директор на клубот од Тиват, Ранко Крговиќ, и играчот Никола Челебиќ добија доживотни суспензии, додека тројца играчи се суспендирани од фудбалот во траење од 10 години.

Од ФИФА ќе биде побарано санкциите да важат за целиот свет, објави УЕФА.

Тој реванш-натпревар одамна беше под лупа на УЕФА, полските медиуми пишуваа дека во текот на првото полувреме кога резултатот беше 0-0 до 35-тата минута, во обложувалниците биле уплатени повеќе од 250.000 евра на играта „2+ гола во прво полувреме“ кога во живо квотата за 2+ прво била дури 30.0. Првиот гол беше постигнат во 40-тата минута, а вториот во судиското продолжение во првото полувреме.

Сомнителните уплати продолжиле и во второто полувреме, кога се ставале големи суми на игрите 5+ и 7+ голови.

- Оглас -

Најнови вести