Новак Ѓоковиќ се пласираше во четвртфиналето на Вимблдон, откако со 3:1 во сетови го победи Алекс де Минор. Србинот на овој меч уште еднаш покажа психичка стабилост и иако убедливо го загуби првиот сет, на крајот стигна до победа до 3:1 и пласман меѓу најдобрите осум на турнирот.
За Ѓоковиќ ова е 64-ти пласман во четвртфинале на Гренд-слем турнирите, а на Вимблдон по 16-ти пат е меѓу најдобрите осум.
Алекс Де Минор доминираше во првиот сет. Започна со брејк, а до крајот на првиот сет направи уште три брејка и на крајот убедливо со 6:1 го доби сетот за половина час игра.
Во вториот сет првите три гема ги освоуваше тенисерот кој не сервираше. Ѓоковиќ водеше со 3:1, потоа Де Минор направи брејк и стигна до 3:3, но потоа веднаш следуваше ри-брејк на Србинот за 4:3. До крајот на сетот, Ѓоковиќ беше сигурен на свој сервис и го доби сетот со 6:4 за израмнување на 1:1 во сетови.
Во третиот сет имаше само еден брејк и тој беше доволен за Ѓоковиќ да поведе со 2:1. Клучниот момент во овој сет беше во деветиот гем кога Србинот ја искористи втората брејк топка и поведе со 5:4, а потоа го доби својот сервис за 6:4.
Четвртиот сет не почна добро за фаворитот. Де Минор поведе со 3:0 во гемови, а потоа и со 4:1. Сепак, Ѓоковиќ не само што не се предаде туку заигра фуриозно ги доби следните пет гема и стигна до 6:4 и победа од 3:1 во сетови.