Карлос Тевес покажува дека уште знае да биде решавачки играч во важен меч. Некогашниот голгетер на Манчестер јунајтед, Сити, Јувентус го даде решавачкиот гол за победа на Бока јуниорс против Атлетико Паранаенсе во последното коло од групната фаза во Либертадорес купот. Овој Куп е најпрестижно натпреварување во Јужна Америка, нешто слично како што во Европа е Лигата на шампиони. Со оваа победа Бока се искачи на првото место на табелата.
Дуелот во Буенос Аирес изобилуваше со возбудување. Бразилците со голот на Рубен дојдоа во водство во 66-тата минута, а Бока израмни само по неколку минути со голот на Лопес. Во 70-тата минута во игра влезе ветеранот Тевес, потег кој се покажа како одлично решение.
Се играше последната минута од судиското надополнување кога Тевес од околу 16 метри шутираше прецизно и го матираше гостинскиот голман. Тевес сезонава има одиграно вкупно 25 меча за Бока и има постигнато пет гола и четири асистенции.