Барселона моментно е на третото место во Ла Лига, но има најмногу шанси за титулата, особено ако го победи лидерот Атлетико Мадрид во клучниот меч што ќе го игра на свој терен на „Камп ноу“ на 8 мај.
Ваква завршница во Ла Лига со четири екипи што се кандидати за домашниот пехар немало одамна, а според распоредот, Барса е топ-фаворит.
Каталонците имаат 71 бод на третото место, исто како и вечниот ривал Реал Мадрид, кој е пред нив на втората позиција, но со меч повеќе. Атлетико Мадрид е лидер со 73 бода, а шанси за титулата има и Севилја со 70 бода.
Освен Барселона, која има уште шест меча до крајот на шампионатот во Шпанија, останатите три кандидати ќе одиграат по пет натпревари.
Каталонците имаат добар распоред и треба да играат дома со Гранада, Атлетико Мадрид и Селта Виго и да кај гостуваат Валенсија, Леванте и Еибар во последното коло на 23 мај.
Клучен ќе биде мечот со Атлетико на 8 мај, а прв критериум за освојување на титулата при еднаков број бодови се меѓусебните дуели. Тука Барселона стои послабо од Реал Мадрид бидејќи двапати сезонава загуби во Ел Класико од вечниот ривал.
И Атлетико ја победи Барса на домашен терен, па ако не биде поразен на 8 мај на „Камп ноу“, тогаш може да биде главен претендент за титулата.
Реал Мадрид има подобар меѓусебен скор со сите три екипи, засега, но мора да ја победи по вторпат Севилја на дербито на 9 мај.
Еве го распоредот на сите натпревари на четирите кандидати за титулата.
АТЛЕТИКО МАДРИД (73 БОДА ОД 33 НАТПРЕВАРИ)
Елче, Барселона и Валјадолид на гости, Реал Сосиедад и Осасуна на домашен терен
РЕАЛ МАДРИД (71 БОД ОД 33 НАТПРЕВАРИ)
Осасуна, Севилја и Валјадолид дома, Гранада и Атлетик Билбао на гости
БАРСЕЛОНА (71 БОД ОД 32 НАТПРЕВАРИ)
Гранада, Атлетико Мадрид и Селта на домашен терен, Валенсија, Леванте и Еибар на гости.
СЕВИЛЈА (70 БОДА ОД 33 НАТПРЕВАРИ)
Атлетик Билбао, Валенсија и Алавес дома, Реал Мадрид и Вилјареал на гостински терен.