Вистинска драма се случувала во 73-тата минута од мечот помеѓу Мачва од Шабац и Младост ГАТ во рамки на Купот на Србија. Дваесетгодишниот фудбалер на домашната екипа, Нигериецот Елија Пис само се струполил на теренот, а само брзата реакција на лекарската екипа му го спасила животот и тој сега е хоспиталициран во болницата во Шабац. Според лекарите, тој доживеал инфаркт.
Случувањата во таа 73-та минута за српските медиуми ги пренесува комесарот за безбедност на Мачва, Драган Антониќ.
„Беше страшно. Како изгледаше, добро заврши. Елија јуначки ја издржа оваа ситуација, за која веројатно лекарите можат повеќе да кажат. Јас бев сведок кога го внесуваа во возилото на Брзата помош. На мене како лаик, ми изгледаше како срцето да му застана и како да ќе умре. Тој е силно момче. Се разбуди и веднаш праша за резултатот. Кога му кажав дека сме изгубиле, се изнервира и ја фрли копачката. Не е свесен што му се случи“, вели Антониќ
Нигерискиот интернационалец Елија Пис летово направи трансфер од младинците на ОФК Београд во второлигашот Мачва.