Македонската машка кошаркарска репрезентација за играчи до 18 години со победа го започна Европското првенство Б дивизија. Нашите таленти во СРЦ „Кале“ беа подобри од Република Ирска и славеа со 73:63 и тоа по дополнителни пет минути игра, откако во регуларниот дел резултатот беше 62:62.
Мечот не започна најдобро за Македонија, па противникот во осумата минута поведе со 20:13. Следуваше подобра игра на нашите кошаркари, резултатот беше израмнет на 24:24, а до крајот на првиот дел Македонија поведе и со 37:32.
Израмнетата игра продолжи во второто полувреме, па во финишот беше драматично. При резултат 62:62, Македонија имаше напад за победа, но не погоди, па мораше да се игра продолжение од пет минути.
Во клучните пет минути, Македонија одигра фантастично во одбраната, прими само еден поен, а даде 11 и на крајот славеше со 73:63. Јанчиќ со 27 поени и осум скока беше предводник на Македонија.
Следен ривал на Македонија ќе биде Босна и Херцеговина, а дуелот се игра утре со почеток од 18:30 часот.