Драма во Африка: Седуммина фудбалери „исчезнаа“ по гостувањето на репрезентацијата

Седуммина фудбалери од репрезентацијата на Еритреја не се вратиле дома по историската победа против Есватини, што претставува сериозен удар за тимот. Додека дел од играчите се враќале со лет од Јужноафриканската Република, седуммина наводно избегале и останале во странство.

Ова доаѓа во момент кога репрезентацијата славеше голем успех – победа од 2:1 и вкупни 4:1, со што се пласира во квалификациските групи за Африканскиот куп на нациите за првпат по 19 години. Наместо спортска еуфорија, ситуацијата повторно е засенета од сериозни проблеми надвор од теренот.

Ваквите случаи не се новост за Еритреја. Во последните две децении се случија повеќе слични инциденти. Во 2019 година седуммина фудбалери од репрезентацијата до 20 години исчезнаа во Уганда. Четири години претходно, десет сениорски репрезентативци одбија да се вратат од Боцвана, а во 2013 година дури 15-мина фудбалери и членови на експедицијата добија азил во Уганда. 

Најсериозниот инцидент се случи во 2009 година, кога речиси целиот национален тим не се врати од Кенија.

Според организации за човекови права, власта во главниот град Асмара се смета за репресивна, иако официјалните власти ги отфрлаат тие обвинувања. Поради тоа, голем број граѓани на Еритреја со години бараат азил во странство.

Иако навивачите се надеваа дека победата над Есватини ќе означи нов почеток за фудбалот во земјата, ваквите случувања покажуваат дека проблемите се многу подлабоки – и дека за многумина, ова сценарио веќе не е изненадување.

- Оглас -

Најнови вести