Актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром во драматична завршница го совлада Еуро Никел при минимални 83:81 на стартот од финалната серија од домашното кошаркарско првенство. Избраниците на Радуловиќ мораа добро да се намачат за првиот од потребните три триумфи за одбрана на титулата против гостите од Кавадарци, кои беа на прагот до изненадување во завршницата.
Неочекувано Еуро Никел тргна доста фуриозно со серија од 12-0 за да ја освои првата четвртина при резултат 25:17. Со последниот кош на МЗТ од првиот период, почна серијата на Штрковите дури со 14-0, по што направи пресврт пред полувремето со четири коша предност.
Олуџоби и Магдевски комбинираа 12 поени на средина од третиот период, со кои му донесоа на МЗТ двоцифрена предност пред влезот во завршната четвртина. Иако се чинеше дека МЗТ сигурно ќе ја обезбеди победата, следуваше драматична завршинца која ја приредија кавадарчани со тројките, пред сè на Петровски, во последните две минути, а потоа и на Дубински само за пола кош негатива. Тоа пропадна во вода откако гостите не успеја да направат фаул навреме за Мекиќ со едно слободно да ги реши дилемите на секунда до крајот.
Олуџоби со 24 поени беше најефикасен од петтемина двоцифрени играчи на МЗТ, а за триумфот придонесе и капитенот Стојановски со 15 поени. Искусниот Соколов беше клучна фигура за поразените со 16 поени и по 8 скока и асистенции.