Само пет меча се одиграа ноќеска во НБА-лигата, но два беа толку неизвесни, што победникот мораше да се решава по дополнителни пет минути игра. Њу Орлеанс славеше на свој терен против Сакраменто со 140:133 во продолжение.
Двата тима постојано се менуваа во водство, никој немаше двоцифрена предност, а на крајот Сакраменто со поени од слободни фрлања се избори за продолжение. Сепак гостите иако беа големи фаворити пред дуелот, не можеа против расположените кошаркари на Њу Орлеанс, тим кој е на последното место на Западната конференција.
На гостинска победа по продолжение се радуваше Лос Анџелес клиперс, и тоа на теренот на Јута џез со 120:116. Јута во претходното коло го победи Лејкерс дома и сега сакаше да го изненади и вториот тим од Лос Анџелес, но Клиперси беа поуспешни.
Гостинска победа забележа само уште Голден стејт, и тоа со 105:98 кај Хјустон. Далас покажува дека може да „живее“ и без Лука Дончиќ, па победи на свој терен против Мајами со 118:113. Минесота без многу проблеми беше подобра од Оклахома со 116:101.
Овие пет меча беа последни пред стартот на олстар-викенд возбудувањата.