Данил Медведев се пласира во четвртфиналето на мастерс-турнирот во Шангај откако со 2:0 во сетови го победи Стефанос Циципас. Мечот меѓу двајцата врвни тенисери остана во сенка на испадот на Гркот, кој во еден момент не сакаше да продолжи да игра.
Медведев и Циципас имаат големо ривалство. Ова беше нивен 14-ти дуел, а рускиот тенисер стигна до десеттата победа. Во првиот сет, Медведев беше подобар во тај-брејкот, а потоа во вториот сет, при водство на Циципас со 2:1 во гејмови, Гркот сервираше и направи инцидент.
Судијата Фергусон Марфи го опомена Циципас дека му изминува времето дозволено за сервис и тогаш Гркот се налути.
„Зошто ми го правиш тоа човеку? Зошто сите сте против мене? Последните неколку месеци се ужасни, не разбирам што ви е“, луто коментираше Циципас, а судијата едноставно му одговори дека часовникот е автоматски и го мери времето, па затоа сите тенисери мора да внимаваат да не го пречекорат тајмингот.
The Tsitsipas/Murphy drama from earlier today: pic.twitter.com/qxMobL5Zpd
— José Morgado (@josemorgado) October 9, 2024
Потоа Циципас направи двојна сервис-грешка и дури тогаш се налути и се тргна од теренот, најавувајќи дека нема да игра. Неколку минути траеше драмата, но потоа Циципас реши да продолжи да игра, а неговата нервоза ја искористи Медведев, кој лесно го доби вториот сет и стигна до победата. Целиот инцидент може да го видите ТУКА.