Женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија загуби од Египет со 18-19 на вториот меч на турнирот „Трофеј Македонија“ кој се игра во салата „Билјанини извори“ во Охрид.
Голот за победа на Египќанките се случи на 9 секунди до крајот и тоа од седмерец. Македонскиот тим се бранеше со играч помалку и направи пенал со кој гостинките се радуваа на крајот и си ги вратија шансите за освојување на турнирот.
Нашите девојки го контролираа резултатот во поголем дел од првото полувреме, во неколку наврати имавме и предност од три гола разлика, но на пауза се замина со нерешени 10-10.
Тимот на селекторот Кристијан Грчевски имаше кризни минути на стартот на вториот дел, а во последните 15 минути се влезе со 15-15, се виде дека ќе има драма во финишот. При 18-18 имавме напад кој не беше искористен, а Египет со играч повеќе даде гол.
Македонија која во првото коло го совлада Тунис, уште има шанси за прво место на турнирот, но ќе ни треба триумф над Грција и Египет да не победи против Тунис.