Челниците на Англиската федерација одржале состанок на кој главна точка било да се најде решение за спас на фудбалот во земјата. Претседателот на ФА, Грег Кларк, предупреди дека никогаш не била толку голема фудбалската криза во Англија и дека мора да се преземат вистинските потези.
„Фудбалот денеска се соочува со тежок економски предизвик кој не го претпоставувавме ниту во најлудите соништа. Пандемијата направи голема штета најмногу на бизнис-секторот. Пред нас има опасност да згаснат многу клубови и лиги затоа што финански не може да опстанат. Не гледам како малите клубови може да се спасат од најлошото. Ова може да доведе до неверојатна катастрофа во фудбалот, а сите ние сме дел од тоа“, вели Кларк.
Штетата од претрпените загуби во англискиот фудбал поради пандемијата се проценува во милијарди евра. Засега нема конкретно решение за тоа како ќе се сопре оваа неверојатна криза во фудбалот, а во Англија сигурно нема да има фудбал и во април.

