Дрис Мертенс објави крај на кариерата, ќе се прости заедно со Хамшик во Братислава

Белгискиот фудбалер Дрис Мертенс, чиј договор со турскиот гигант Галатасарај му истекува на крајот на јуни, објави дека ја завршува кариерата на 38-годишна возраст.

„Се откажувам од фудбалот, но ќе ги облечам копачките уште еднаш, последен пат само за тебе. За мене ти секогаш ќе бидеш мојот капитен и најсилниот со којшто сум играл“, вели поранешниот белгиски репрезентативец во видео упатено до Марек Хамшик, со кого беа соиграчи во Наполи во времето кога и Горан Пандев го носеше дресот на актуелниот италијански првак.

Словакот на 5 јули на добротворен натпревар во Братислава ќе се прости од фудбалот, а таму за последен пат во акција ќе се појави и Мертенс.

Дрис Мертенс, кој ќе остане како едно од најкомплетните крила на денешницата, имаше 109 настапи и 21 гол за Белгија, а својот последен натпревар за Црвените ѓаволи го одигра во декември 2022 година на Светското првенство во Катар.

Мертенс е најдобар стрелец на Наполи во сите натпреварувања со 148 гола во 397 настапи во текот на девет сезони. Тој играше за Галатасарај последните три години, освојувајќи три титули во турското првенство.

 

- Оглас -

Најнови вести