Островската држава Сент Лусија со нетрпение ги чека полуфиналните трки на 100 метри во женска конкуренција на Олимписките игри во Париз. Сент Лусија е земја која никогаш досега не освоила олимписки медал, но токму спринтот на 100 метри во женска конкуренција може да биде историски за нив.
Јулијен Алфред е спринтерката која оваа година има истрчано најбрзо време и тоа 10.78 секунди, а доаѓа токму од Сент Лусија. Алфред ќе биде дел од втората полуфинална трка која на програмата е во 19:40 часот. Два часа подоцна треба да биде и финалето, по кое ќе се знаат и освојувачките на медалите.
Доколку ја задржи формата во која се наоѓа сезонава, Алфред ќе биде една од главните фаворитки за освојување на златен медал. Сент Лусија на Игрите во Париз допатува со само четворица спортисти, а Алфред е нивната главна фаворитка.
Оваа мала земја никогаш досега нема освоено олимписки медал, па сите очекуваат вечерва да се испише спортска историја за оваа островска земја, која се протега на истокот од Карибите. Островот е долг 44 километри, широк е 22 километри, а по последниот попис има само 180.000 жители.