На прес-конференцијата по повод утрешното 173-то белградско дерби помеѓу фудбалските екипи на Црвена ѕвезда и Партизан, тренерот на Црно-белите, Игор Дуљај, имаше едно необично барање до сите луѓе кои го имаат неговиот телефонски број.
Дуљај побара никој да не му се јавува додека трае мечот на стадионот „Рајко Митиќ“ затоа што тој поради суспензија нема да го води Партизан и ќе мора телефонски да комуницира со својот помошник Алберт Наѓ, кој ќе биде долу на клупата, за да му дава инструкции.
„Потешко ќе ми биде вака отколку да бев на клупата. Може да биде проблем во комуникацијата, инаку тимот се подготвува неколку дена и ќе го направи она што го договоривме. Ќе можеме на полувреме да разговараме на мобилен телефон, тие што го имаат мојот број едноставно нека не ми се јавуваат за време на мечот“, побара Дуљај, кој рече дека уште не знае на кој дел од стадионот ќе биде, дали во ложата или на трибина.