Дури четворица тенисери може да бидат на првото место на АТП-листата по „Ролан Гарос“

Првото коло на вториот тениски гренслем годинава, Отвореното првенство на Франција во Париз, стартува за три дена и ќе биде многу интересно во следните недели затоа што дури четворица тенисери имаат прилика по завршувањето на „Ролан Гарос“, да бидат на првото место на АТП-листата.

Во моментов светски рекет број 1 е Карлос Алкарас, втор е Данил Медведев, а на третата позиција е Новак Ѓоковиќ.

Алкарас со триумф во Париз сигурно останува број 1. Лидерската позиција ќе ја задржи и со финале, но во финалето да не загуби од Медведев. Со полуфинале, Алкарас останува прв доколку Медведев не стигне до финале и Ѓоковиќ не ја освои титулата. Шпанецот дури и со пораз во четвртфиналето би останал прв, но Медведев да испадне пред полуфинале и Ѓоковиќ да не го освои турнирот.

Ѓоковиќ би се вратил на врвот ако го освои „Ролан Гарос“. Доволно би му било и финале ако Алкарас испадне пред четвртфинале, а Медведев пред финалето.

Има повеќе калкулации како Медведев може до првото место, а најсигурна без да зависи од другите му е титула во Париз. На Русинот и финале ќе му биде доволно, под услов таму ривал да не му биде Ѓоковиќ или Алкарас. Медо и со полуфинале може до првото место на АТП, но ќе треба Алкарас да испадне пред полуфинале и Ѓоковиќ да не го освои турнирот. Медведев дури и со четвртфинале може да биде број 1, но ќе му треба Алкарас да испадне во прво или второ коло, а Ѓоковиќ пред финалето.

Стефанос Циципас првпат во кариерата може да биде на првото место ако го освои Ролан Гарос и притоа Алкарас да испадне пред осминафинале, а Медведев пред полуфинале.

Ако осумте главни фаворити ги минат своите пречки во првите неколку кола, четвртфинални двојки во Париз би биле Алкарас – Циципас, Ѓоковиќ – Рубљов, Руне – Руд и Синер – Медведев.

 

- Оглас -

Најнови вести