Дури петмина тенисери може да бидат на прво место на АТП-листата по Отвореното првенство на САД

Бодовната ситуација на АТП-листата е таква што дури петмина тенисери може да избијат на прво место на светската ранг-листа по завршувањето на последниот гренслем годинава. Ако играше Александер Зверев, ќе беа и шестмина потенцијални светски рекети број 1.

Карлос Алкараз, кој е 19-годишен, има шанса да стане најмлад лидер на АТП-листата во историјата. Досега најмлад број 1 бил Лејтон Хјуит со 20 години.

Прв во моментов е Данил Медведев, а ако Русинот ја одбрани титулата од лани, сигурно останува прв и по Отвореното првенство на САД. Во спротивно, мора да чека што ќе направат ривалите.

Рафаел Надал лани не играше во Њујорк, па ако го освои турнирот и собере 2.000 поени, ќе се искачи на прва позиција. Доколку Медведев е шампион, а Надал финалист, Медведев останува прв со мала предност пред Шпанецот.

Кандидат е и Стефанос Циципас, кој лани испадна во третото коло. Но, на Гркот нема да му биде доволна титула ако ривал во финалето му е Надал. Шанса да стане лидер на АТП-листата има и Каспер Руд, кој од лани брани само 45 поени, па со титула на Отвореното првенство на САД има опција да биде прв.

Новак Ѓоковиќ речиси сигурно нема да учествува, ќе загуби дури 1.200 поени и ќе падне на листата, но и да играше и да победеше, немаше да може да биде прв.

- Оглас -

Најнови вести