Шкендија минимално со 1:0 го победи Работнички во заостанат меч од четвртото коло во Прва македонска фудбалска лига. Со оваа победа Шкендија освои нови три бода и сега има вкупно 17 бода од седум натпревари, што е доволно за третото место на табелата. Пред актуелниот првак се Струга ТЛ и Вардар, коишто имаат по 19 бода. Работнички остана на четири бода и е на претпоследното место на табелата.
Клучниот момент на мечот се случи во 67-мата минута, кога Тамба донесе радост за гостите од Тетово. Веднаш по погодокот се вклучи сигнализацијата за проверка дали имало офсајд во тој напад на Шкендија.
Дури шест минути траеше ВАР-проверката дали има нерегуларна позиција, па на крајот, по долга анализа голот беше признат. Токму со овој погодок Шкендија стигна до победа.

По примениот гол, Работнички тргна во напад да израмни, а најдобрата шанса ја имаше Трајков, но голманот на Шкендија одбрани. Во судиското надополнување Мециновиќ се најде во шанса, но не успеа да ја зафати топката и резултатот остана 0:1 за Шкендија.

