Лигата на шампионите за сезоната 2022/23 ги доби сите учесници по вчерашните реванш-дуели во плејофот од квалификациите, па за денес во 18 часот е закажана ждрепката за групната фаза која ќе се одржи во Истанбул и може да донесе три потенцијални „групи на смртта“.
Првата комбинација е со двата последните европски шампиони, актуелниот Реал Мадрид и ланскиот Челзи, заедно со Интер и Селтик како поранешни освојувачи на Лигата на шампионите.
Како опција два, се смета Баерн Минхен, Ливерпул, Бенфика и Олимпик Марсеј, што би донело многу возбудувања, а со посебно внимание би се следеле дуелите меѓу Садио Мане и неговиот поранешен клуб Ливерпул.
Комбинацијата Пари Сен Жермен, Барселона, Борусија Дортмунд и Ренџерс исто така се смета за потенцијална „група на смртта“, што е добра најава дека пред нас е возбудлива сезона во најелитното клупско натпреварување на Стариот Континент.