Репрезентацијата на Шпанија доживеа катастрофален пораз од Хрватска на стартот од Европското ракометно првенство кое се одржува во Германија. „Фуријата“ иако на првенството дојде како еден од фаворитите, беше поразена со 39-29, а после натпреварот ракометарите имаа само пофални зборови за противникот.
Алекс Душебаев, кој од 2013-тата до 2017-тата година настапуваше за Вардар, со новинарите комуницираше и го анализираше мечот на чист српско-хрватски јазик, кој заедно со македонскиот го научи за време на својот престој во Скопје и очигледно се уште го нема заборавено и го користи во комуникацијата.
– “Честитки за Хрватска. Беа многу подобри од нас и заслужено победија. Ни се случи да сме немоќни и во нападот и во одбраната. Многу подобро изгледаа од нас. Сега ни останува подобро да се подготвиме за следниот натпревар. Од самиот почеток тргнаа одлично. Знаевме дека ќе биде тешко во ваква атмосфера, како да игравме во Загреб. Сепак, ова е само почеток.“ рече Алекс Душебаев после натпреварот.