Хрватските ракометари испаднаа во групната фаза на Олимписките игри. Во натпреварот во кој им беше потребна победа, загубија со 32:31 од Шпанија. Катастрофалното прво полувреме, во кое примија 20 голови и губеа со пет разлика, им беше кобно. Во второто полувреме играа подобро, но не доволно за да се пласираат во четвртфиналето.
Капитенот Домагој Дувњак, кој има 36 години, го коментираше натпреварот, но најави и можен крај.
„Направивме премногу технички грешки. Кога успеавме да се вратиме, секогаш ни недостасуваше еден гол. На крајот ни недостигаа два. Ова дефинитивно беше турнир на кој потфрливме. Минималната цел ни беше да влеземе во четвртфиналето. Треба да размислиме со ладни глави и да видиме каде беше проблемот. Да завршиме петти од шест екипи секако не е убаво. Пропуштивме шанса против Словенците. Жал ми е за момците, но ќе имаат уште шанси“, изјави Дувњак.
„Јас сигурно нема веќе да играм на Олимписките игри. Поминав сè на нив. Четврто место, трето место, испаѓање во четвртфиналето и сега во групата, за жал. Ми беше убаво со овие момци, но дома имам три деца. Треба да размислиме со ладни глави што и како понатаму“, истакна искусниот хрватски ракометар.