Србија и Црна Гора играат возбудлив дуел во Белград, а резултатот по првото полувреме е 1:1. Најдобриот стрелец во историјата на српската фудбалска репрезенатција, Александар Митровиќ, постигна прекрасен погодок, кој донесе голема радост на „Рајко Митиќ“ во Белград на дуелот против Црна Гора.
Србија сонува дека по 24 години пауза, ќе успее повторно да се пласира на Европско првенство, но домаќините имаат уште многу работа затоа што Црна Гора израмни на 1:1 преку Стеван Јоветиќ во 36-тата минута.
Во групата во која е и Македонија се играат два возбудливи дуела. Малта е апсолутен аутсајдер и тим кој во претходните шест кола претрпе исто толку порази, но со голот на Мбонг во 12-тата минута поведе со 1:0. Сепак, до крајот на првиот дел гостите од Украина го свртеа резултатот во своја корист и водат со 2:1. Најпрво автогол си постигна Камензули, а потоа Довбик даде гол од пенал.
Во дербито на групата во која е Македонија, Англија и Италија на „Вембли“ играат нерешено 1:1. Аѕурите поведоа со голот на Скамака во 15-тата минута, а Хари Кејн од пенал израмни во 32-рата минута.