Во неверојатно непријатна ситуација се најде 25-годишниот француски фудбалер Рафидин Абдула бидејќи денеска два клуба објавија дека го ангажирале во своите редови. Абдула е без клуб од јануари минатата година, кога го напушти белгискиот Беверен, а бил член и за Лориен и Кадис, додека кариерата ја почна во младинскиот погон на Марсеј.
Денеска од швајцарскиот второлигаш Стад Лозана Уши објавија дека потпишале договор со Абдула и дека договорот е до летото 2021 година. Но, само 15 минути по оваа објава, се јавија од шпанскиот третолигаш Херкулес, кои објавија слика од Абдула во нивен дрес.
Абдула бил на проба во Херкулес, денеска почнал да тренира со тимот, па и Шпанците се пофалија дека имаат нов играч.
Сепак, тоа што е на проба, не значи дека сигурно ќе игра за нив, па Абдула ќе заигра за Лозана, со која потпиша договор. Останува нејасно зошто Херкулес ја направи оваа забуна и како може да не знаат дека тој веќе се обврзал со друг клуб.