Реал Мадрид победи на гости кај Леванте со 2-1 и сега повторно е на девет бода зад лидерот Барселона во шпанската Примера дивисион. Кралскиот клуб во есенскиот дел загуби од Леванте во Мадрид со 2-1, а овојпат на гости се реваншираше со иста мерка.
Двата погодоци на Реал беа постигнати од пенал, а домаќините имаа забелешки околу овие одлуки на главниот судија. Во првиот дел, Леванте двапати ја погодуваше рамката на голот на гостите, но домаќините немаа среќа да поведат. Казната стигна пред крајот на првиот дел. Лука Модриќ центрираше, топката заврши во раката на нашиот интернационалец Енис Барди, а судијата по консултација со ВАР-системот реши да покаже на белата точка. Сигурен реализатор беше Карим Бензема, за водство на Реал на полувреме.
Во вториот дел, Леванте со голот на Роџер во 60-тата минута израмни на 1-1, но тоа не беше крајот на возбудувањата. Во 78-мата минута беше досуден втор пенал за Реал. По еден корнер, во мешаницата, еден домашен играч сакаше да ја исфрли топката, а во тој момент кон топката тргна и Каземиро, кој падна.
Судијата процени дека имало фаул и повторно досуди пенал. Иако играчите на Леванте се бунеа и бараа прегледување на снимката, арбитерот по консултација со колегите, реши да остане на својата одлука без да гледа повторена снимка. Герет Бејл го реализираше вториот удар за Реал од 11 метри на овој меч, а тоа беше и доволно за победа на крајот.