Натпреварот од 17-тото коло на Првата женска фудбалска лига на Македонија помеѓу Ас јунајтед од Струга и актуелниот шампион, тетовскиот Љуботен, не го дочека својот крај. По два поништени гола, екипата од Тетово одлучи да се повлече од теренот во 75-тата минута.
Првиот гол беше поништен во 67-мата минута поради наводна офсајд-позиција во која се нашла репрезентативката Хава Мустафа.
Во 74-тата минута следуваше уште еден поништен гол за Љуботен, овојпат поради наводен фаул во нападот, а тоа очигледно ја прели чашата кај македонскиот шампион, па одлуката беше да не се доигра натпреварот во Струга.
Љуботен четирипати по ред беше шампион на Македонија, а минатото лето направи историски успех кога успеа да ја мине квалификациската група и да игра во втората фаза од женската Лига на шампиони. Пред ова коло во водство беше екипата на Скопје со пет бода предност, која најверојатно ќе се зголеми и на осум бидејќи извесно е дека Љуботен ќе го загуби мечот со службен резултат.

