Два теста со звучни ривали: Вардар ќе слави роденден против Динамо Загреб, ќе игра и против Свонси

Најтрофејниот македонски клуб Вардар ги договори првите контролни натпревари, како дел од летните подготовки пред стартот на новата фудбалска сезона. Хрватскиот првак Динамо Загреб и англискиот клуб Свонси се ривалите со кои ќе тестираат Црвено-црните.

Првиот натпревар против актуелниот и повеќекратен шампион на Хрватска, ќе се одигра на 23 јули 2024, на „Максимир“ во Загреб. Натпреварот ќе започне во 19 часот, а истиот ќе има посебна важност, бидејќи ќе биде одигран по повод 77. роденден на фудбалскиот клуб Вардар.

„Упатуваме благодарност до тимот на Динамо Загреб, за честа и одличната соработка, а воедно упатуваме и порака до навивачите, дека навремено ќе бидат известени за сите новости поврзани со прославата на роденденот на клубот“, истакнуваат од ФК Вардар.

Вториот натпревар, против екипата на Свонси, ќе биде одигран 27 јули 2024 на стадионот „Пингау Фридберг“ во Австрија, со почеток од 12 часот.

Свонси е десеткратен освојувач на купот на Велс, актуелен член на англиската Чемпионшип дивизија и првиот клуб од Велс кој во 2011 заиграл во Премиер лигата. Клуб со богата историја, кој ужива голема почит и респект, како во Европа така и во светот.

- Оглас -

Најнови вести