Тренерите кои сезонава имаат најголеми плати меѓу нивните колеги во НБА-лигата, Грег Попович кој седи на клупата на Сан Антонио спарс и Монти Вилијамс кој го предводи Детроит пистонс, имаат најлош скор сезонава во најсилната кошаркарска лига на светот.
Попович кој заработува 16 милиони долари по сезона, со Сан Антонио има учинок од четири победи и 22 порази, додека Вилијамс чија годишна плата изнесува 13 милиони долари, го предводи најлошиот тим во НБА-лигата, Детроит пистонс кој има само две победи во 26 одиграни натпревари.
Попович веќе 27 години го предводи Сан Антонио и освои пет шампионски титули, и во последните неколку сезони нема забележителни резултати со Мамузите, но тој тренд може наскоро да се промени бидејќи во тимот го има неверојатниот Виктор Вембањама за кој експертите велат дека ќе биде најдобар кошаркар на светот за неколку години.
Монти Вилијамс кој пред две години беше дел од големото НБА-финале како тренер на Феникс санс, пред почетокот на сезоната беше донесен да направи плејоф тим од Детроит пистонс, но наместо тоа, е сведок на агонија. Младиот тим на Детроит се наоѓа во неверојатна серија од 23 порази по ред и му недостасуваат уште пет порази да ја израмни најлошата серија во историјата на НБА-лигата на Филаделфија сиксерс која изнесува 28 порази во низа.