Двајцата позитивни на корона-вирус во Атлетико Мадрид се фудбалери, објавуваат шпанските медиуми, без конкретни имиња за кои играчи станува збор. Од Атлетико бараа почитување на приватноста и засега да не се објавуваат имињата. Тајната нема да може долго да се крие бидејќи вечерва во 20 часот екипата треба да замине во Лисабон, па ќе се види кои се отсутни (заразените се во карантин).
Проблемот од кој стравуваат Јорганџиите е дека бројката на заразени не е конечна. Од 93-те лица кои се тестираа во саботата и требаше да бидат во експедицијата на Атлетико во Лисабон, двајца се позитивни, а денеска сите ќе бидат тестирани повторно, па можно е и тимот да го одложи летот до Португалија.
Клубот од Мадрид и УЕФА се во постојана комуникација, но неизвесноста ќе трае и останува да се види дали Атлетико ќе отпатува денеска или утре и што ако бројката на позитивни е поголема од двајца.