Леандро Паредес е најавен како зимско засилување за Челзи, а како што и самиот играч објави преговорите се во завршна фаза, па најскапата аквизиција на Зенит веројатно ќе се пресели на „Стемфорд Бриџ“.
Паредес во јули 2017 година од Рома пристигна во рускиот клуб од Санкт Петербург, за тогаш рекордна сума од 25 милиони евра, но двапати го прескокна Вардар во мечевите од Европа Лигата.
Поради одлука на Роберто Манчини, во тој период тренер на Зенит, аргентинскиот ас не играше на 14. септември во Скопје против Вардар во меч од Европа Лигата, а потоа го немаше во составот и на дуелот на „Крестовски“ стадионот во Санкт Петербург на 23. ноември.
Паредес има 24 години и е играч од средниот ред, а со него во Челзи ќе пристигне и Николо Барела од Калјари, исто така фудбалер кој настапува во средниот ред.