Сезоната на богаташите започнува денеска. Ливерпул е актуелен бранител на трофејот, а 31 клуб ќе атакуваат да го симнат од тронот. Европската куќа на фудбалот (УЕФА) овозможи оваа сезона да биде неверојатна, барем што се однесува до наградниот фонд, кој изнесува неверојатни 2,04 милијарди евра.
Клубовите коишто играа во плејофот, а не стигнаа до групната фаза ќе поделат 30 милиони евра. Настапите во групната фаза имаат посебен финансиски мотив. Секоја победа во следните шест кола ќе носи по 2,7 милиони евра, додека ремито се „наплаќа“ со 900.000 евра.
Клубовите кои ќе поминат во осминафиналето ќе заработат по 9,5 милиони евра, а за четвртфиналистите ќе следуваат дополнителни 10,5 милиони евра. Пласманот во полуфиналето вреди 12 милиони евра, а за финалистите УЕФА обезбеди плус по 15 милиони евра. Шампионот ќе добие дополнителни четири милиони евра.
Минатата сезона, Ливерпул од Лигата на шампионите заработи вкупно 111 милиони евра, а финалистот Тотенхем доби 109 милиони евра. Една сезона претходно, Реал Мадрид за титулата доби 88,6 милиони евра, а претходната сезона Кралскиот клуб за трофејот се збогати за дополнителни 81 милион евра. Пред четири сезони, Реал кога стана првак, доби 80 милиони евра.
Овие суми само покажуваат дека секоја година наградниот фонд на УЕФА е сè поголем и поголем.