Кој број на дрес ќе носи на грбот Златан Ибрахимовиќ откако ќе заигра во Милан, е главната тема на разговор и шпекулации кај фановите на Росонерите и на италијанските медиуми.
Ибрахимовиќ е централен напаѓач, и некако најлогично е да има деветка, но бројот 9 го носи Кжиштоф Пјонтек, и Полјакот нема намера да се откаже, па новото засилување ќе треба да одлучи кој број ќе го земе.
Според некои информации, Златан ќе има дрес број 1. Иако најчесто голманите се тие кои носат единица, кај Милан бројот 1 е слободен, а егоистот Ибра за себе смета дека е најдобар, па логично би било да го земе овој број, и да биде веројатно првиот напаѓач на светот со дрес број 1.
Но, има и варијанта да го добие дресот со бројот 11. Овој број е зафатен од Фабио Борини, но наводно клубот ќе го жртвува и продаде Борини за да ја ослободи 11-ката за шведскиот ветеран.
И во првиот мандат како член на Милан, од 2010 до 2012 година, Ибрахимовиќ ја носеше 11-ката.