Скопје славеше на гостувањето кај Работнички во првиот меч од 10. коло на Прва фудбалска лига. Тимот кој летово влезе во елитното друштво, се израдува на третата победа и со 12 бодови сега избега од долниот дел од табелата. Работнички кој важеше за фаворит пред мечот, остана со 15 бода, претрпувајќи го првиот пораз на свој терен сезонава.
Дуелот на арената „Тодор Проески“ беше со возбудувања на двете страни, а напаѓачот на домаќините, Марио Станковски е трагичарот. Во првото полувреме при резултат 0:0 Станковски во 30 минута, не успеа да погоди од пенал. Неговиот удар го одбрани Ефремов. Покрај тоа што промаши пенал, Станковски во 56 минута си постигна и автогол, за радост на гостите од Автокоманда.
Од 65 минута Работнички остана и со играч помалку, откако поради два жолти картони, играта мораше да ја напушти Бојан Илиевски. Скопје имаше можност да победи и поубедливо, но ударот на Иво Јанакиевски го одбрани голманот на Работнички, Бурхан Мустафа.
Утре се играат останатите мечеви од ова коло, кога од 14 часот ќе се сретнат: Академија Пандев – Шкендија, Брегалница – Македонија ЃП, Ренова – Пелистер, Струга – Борец и Тиквеш – Шкупи.